Надоместоците кои банките ги наплатуваат за плаќање на сметки преку трансациска сметка и префрлување на готовина може да се намалат од следниот месец кога ќе стартува новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој ќе се применува од 1 јануари 2023 година.
Од централната банка за „А1он“ велат дека надоместоците кои банките ги наплатуваат за корисниците како што се подигнување готовина, за проверка на сметки и за плаќање режиски трошоци, може да се намалат во 2023 година затоа што новиот Закон за платежни услуги и платни системи се очекува да поттикне поголема конкуренција и поповолни услови за граѓаните, односно да се појават нови даватели на платежни услуги, освен банките, со што би се намалиле цените на услугите.
Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните сметки за вода, за електрична енергија, за греење и телекомуникации или трансфер на парични средства на друго лице.
„За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1% од просечната исплатена нето плата во земјата за претходните 12 месеци (околу 30 денари). Во рамките на овој надоместок, банката ќе им овозможи на граѓаните одржување на платежна сметка со основни функции и извршување на најмалку 5 платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка.
Исто така, доколку корисниците припаѓаат на некоја од ранливите категории, граѓаните ќе можат да ја користат платежната сметка со основни функции без надоместок. Давателот на платежни услуги ќе биде должен најмалку еднаш годишно на потрошувачот да му даде извештај за сите наплатени надоместоци за услугите поврзани со платежната сметка, информации за висината на каматните стапки и применетиот девизен курс“, додадоа од Народната банка.
Согласно новиот закон, Народната банка ќе утврдува листа на најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка. Централната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет страна надоместоците поврзани со најрепрезентативните услуги по поединечен давател на платежни услуги. На овој начин, потрошувачите ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат за тоа од кој давател да користат платежни услуги.