Воспоставување транспарентна регулатива што ќе донесе исплатливи инвестиции и конкуретност во изградбата на електронските комуникациски мрежи, останува приоритет на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Како што рече директорот Роберт Ордановски на денешниот прв јавен состанок на АЕК, интенцијата е да се достигне европската дигитална агенда која предвидува до 2020 година сите претплатници да имаат пристап до интернет со брзина од над 30 мегабити во секунда и 50 отсто од претплатниците да имаат пристап до интернет со брзина од над 100 мегабити во секунда.
– Новата регулаторна рамка ќе им овозможи на операторите да ги подобрат своите перформанси, да работат на изградба на нови мрежи, напомена Ордановски.
Според податоците на операторите, во Македонија моментно само 3,5 отсто од корисниците имаат интернет пристап со брзина поголема од 30 мегабити во секунда. Тоа, потенцира директорот, е показател дека пред АЕК се поставени високи цели и дека претстои напорна работа да се постигнат.