Македонски штанд со вина и млечни производи на „Продекспо 2020“ во Москва

Од:

Македонски вина и млечни производи се изложени на националниот штанд со кој земјава се претставува на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехрамбената индустрија „Продекспо 2020“ во Москва.

Најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа беше отворена денеска и ќе трае до 14 февруари во изложбено – саемскиот „Експо-центар“.

Настапот на македонските компании го организра Македонска-руската стопанска комора, со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. На овој исклучително значаен деловен настан од областа на производството и пласманот на храна и пијалаци своите производи ги изложуваат винариите „Тиквеш“ од Кавадарци, „Далвина“ од Струмица, „Стоби“ од Градско и „Езимит“ од Лозово и млекарниците „Бучен Козјак“ од Куманово и „Малеш“ од Берово.

По отворањето на саемот, македонскиот штанд го посети вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Димовска.

-На националниот штанд на 65 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да ги запознаат врвните македонски вина и квалитетна млечни производи на овие нашите производители, од кои дел допрва се подготвуваат за влез на овој голем пазар. Македонско-руската стопанска комора по единаесетти пат, а со државната поддршка по деветти пат, го организира презентирањето на дел од македонската индустријата на пијалаци и млечни производи, микс што маркетиншки влијае на зголемување на извозот во овој дел на светот. Можностите се на дофат на компаниите, од нив сега зависи колку ќе ги искористат, а оваа саемска манифестација е идеална за склучување на извозни деловни зделки,- рече извршниот директор на Македонска-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Во „Експоцентарот“ во Москва на 100.000 квадратни метри изложени се производи од 30 индустриски сектори. Опфатени се сите сегменти од производството на храна. Присутни се 2.600 компании од 67 земји. Меѓу 31 национален штанд е и македонскиот, што, според Комората, ја отсликува заинтересираноста на земјава за развивање на економските односи со Руската Федерација.

Се очекува низ халите на „Експо центарот“ да поминат 67.000 посетители од 112 земји и претставници на 120 меѓународни и руски трговски ланци. „Продекспо 2020“ ги собира на едно место трговците – увозници од федерално и локално ниво, кои се стратешки партнери на прехранбената и индустријата на пијалаци во Русија и Евроазиската унија, како и претставниците на ХоРеКа секторот – хотели, ресторани, кафулиња и барови.Затоа и е огромен бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти што се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експо центар“.

За време на саемските денови ќе се одржат и бројни тематски конференции, на кои ќе учествуваат и македонски деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора.

– На оваа саемска изложба може да се видат нови производи, трговски марки и брендови.Повеќе од 14 отсто од новитетите во овие индустрии се презентираат на овој саем, а од годинава посебно се издвојуваат и компаниите од секторот на органска храна, дел кој може да биде интересен за нашите производители, истакна Бешлиев.

Минатата година вкупниот обем на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација достигна 194.5427.987 американски долари. Македонските компани извезоа стока на рускиот пазар во висина од 52.149.341 долари, додека увезле речиси три пати повеќе или точно 142.393.646 долари. Земјава лани оствари трговски дефицит со Руската Федерација од 90.244.305 долари.

Учеството на саемот, македонските компании ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на рускатата комора и другите деловни асоцијации, како и со официјалните лица на руската администрација.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

За првпат ќе се утврдува производствена цена за килограм винско грозје, предлог-законот за вино помина во прво читање на Комисијата за европски прашања

МЗШВ: Владата ги усвои програмите за поддршка на малите производители на храна и малите производители на вино за 2024 година

Ковачевски од Кавадарци: Македонското вино го издигнавме на 13 место во светот, расте и девизниот прилив

Производството на вино во Европа достигна 16,1 милијарди литри

Предраг Петровиќ

Николовски: Македонското вино е нашиот најдобар промотор