Јовановиќ: Данокот на Бесими ќе донесе 50 милиони евра, а прогресивниот данок 100 милиони евра

Од:

На државата итно и е потреба даночна реформа затоа што македонскиот даночен систем е крајно неправеден и повеќе ги даночи сиромашните отколку богатите, смета Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

– Работничка што зема минимална плата плаќа вкупни даноци на доход од околу 34%, додека оние што имаат примања од стотици илјади евра месечно плаќаат даноци од само 11-12%. Слично е и со фирмите – помалите форми плаќаат повисоки стапки на даноци од поголемите фирми. Овие работи мора да се променат – вели Јовановиќ.

Бившиот советник на ексминистерот за финансии Драган Тевдовски, смета дека владата треба да ги оданочи богатите и фирмите кои остваруваат милионски профити, односно да се воведе прогресивен данок и на личен доход и на добивка на фирмите.

– Прогресивен данок на личен доход, со стапки од 20% за доход над 1500 евра, и 30% за доход над 3000 евра, би го оданочил само најбогатите 1% од луѓето во државата, и би ѝ донел на државата околу 50-60 милиони евра годишно. Прогресивен данок на добивка, со стапка од 20% за добивката која надминува 1 милион евра, би ги оданочил отприлика 200-те најголеми фирми во државата, кои секоја година остваруваат огромни профити, дури и во кризиве од последниве години, и би донел околу 40-50 милиони евра годишно.

Заедно, овие две промени би донеле околу 100 милиони евра годишно, односно двојно повеќе од она што го заговара владата сега, што за 5 години заменува издавање една еврообврзница. Дополнително, парите во тој случај ќе дојдат од оние што имаат, а не од оние што немаат – анализира Јовановиќ.

Во однос на тоа кога е вистинско време за даночни реформи, Јовановиќ вели дека најголемите даночни реформи се правеле секогаш за време на кризи – за време на светските војни и за време на големата депресија од 1929 до 1933 година затоа што на државите тогаш им требаат пари.

– На Македонија исто така ќе и требаат пари за да ги помага луѓето и фирмите кои се погодени од кризата, а нема веќе да може да се задолжува така лесно како во изминатите години, поради повисоките камати, така што, ѝ преостанува само да ги зголеми даноците. Прашањето е само – кои даноци ќе се зголемат, односно, кого ќе даночи владата, и тука, за жал, оваа реформа целосно потфрла. Наместо да ги даночи оние што имаат, реформата претендира да ги даночи оние што немаат.

Со даночењето на хонорарците, и тоа со придонеси од 28%, владата ќе им бркне во џебот на околу 100.000 луѓе, кои немаат договори за постојано вработување, немаат никакви работнички права, немаат стабилни и постојани приходи, и воопшто не заработуваат високи суми на пари, туку одвај спојуваат крај со крај. Хонорaрците во економската и социјалната наука се нарекуваат прекаријатни работници, затоа што немаат никаква сигурна ниту предвидлива работа, и се сметаат за најексплоатирана класа во општеството – објасни Јовановиќ.

И даночењето на реинвестираната добивка е проблематично за него: затоа што даночни активност што се смета за општествено корисна и затоа што може да ги намали инвестициите, а со тоа и економскиот раст, па на подолг рок и вработеноста. Дополнително, смета тој, даночењето на реинвестираната добивка повеќе ќе ги погоди помалите фирми, кои тешко наоѓаат средства за нови инвестиции и не можат така лесно да земат заем, како што можат големите фирми.

Би можело да ве интересира

УЈП ќе ги објави компаниите од нафтениот бизнис кои затајувале данок

Градоначалникот Ибраими се пофали дека арачиновци плаќаат данок: Општината веќе не е „црна овца“

Александар Тодески

Бугарија ги укинува таксите за транзит на рускиот гас кон Србија и Унгарија

A1on

Ковачевски на Денот на даночници: Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата

Предраг Петровиќ

Во Министерството за финансии треба да се одржи состанок со увозниците на моторни возила

Стопанската комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен

Горан Наумовски