Цените на млечните производи, зеленчукот и овошјето во месец август се двојно покачени, а од септември се најавува зголемување на лебот за 15 отсто.
Во јули, цените на пазарите беа на ниво на ланските, но за неполни три недели се бележи двојно покачување на цените. Доматите се купуваа за 40 денари, сега се 80, а краставиците од 40 скокнаа на 100 денари. Пиперките држеа цена од 50 денари, но сега се поскапени на 70 до 90 денари во зависност од нивната големнина.
Праските во јули беа 40-50 денари, а сега се 60-120 денари во зависност од сортите, додека лубениците и дињите се по 25 денари, односно 50 денари за килограм, што споредено со ланските цени на овошјето е зголемување од над 50 проценти.
Во супермаркетите се забележува дека млечните производи, посебно сирењето се движи од 380 до 500 денари и тоа на акција, што за граѓаните е огромна сума за производ кој традиционално е на македонската трпеза во текот на целата година. Од 10 до 20% поскапеа и млекото и јогургот се основни прехранбени производи.
Зголемени се и цените на тестенините во просек за 20 проценти, на кафето и соковите, на хигиенските производи, посебно на тоалетната хартија.
Граѓаните бурно реагираат, што на пазарите, што на социјалните мрежи, поради наглите промени на цените, но земјоделците се правдаат дека и нивните трошоци се зголемени, посебно за нафта, вештачко ѓубре и работна рака. Велат цените не се високи, туку народот нема пари за да купува.
– Ова е прескапо. Сега да бидеме реални, не може цените да варираат од 40 на 120 денари за килограм. Да, трошоците се зголемени за производство, но сигурно не се за 200%. Има прекупци кои на грбот на земјоделецот и на грбот на сиромашните граѓани сакаат да ќарат. Државата мора да постави ред и да ги ограничи цените на основните производи. Доаѓа септември, треба да се подготвуваме за зимскиот период и грејната сезона, треба да купиме дрва. А, со овие цени на храната ќе треба да бираме помеѓу студ и глад – велат граѓаните на пазарот во скопската населба Ченто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените во земјоделството во јули 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година, кај инпутот е намален за 4.3 %, а кај аутпутот се бележи зголемување од 16.2 %.