Владимир Милчин: Сè уште го убиваат „Самоубиец“

Од:

ТРИ ЗАБРАНИ ЗА ДРАМАТА

Рускиот и советски писател Николај Ердман (1900-1970) е запаметен по неговата соработка со најголемиот режисер на модерниот театар на 20 век, Всеволод Мејерхољд. Неговите комедии, особено „Самоубиец“, се мостот кој води од сатиричните драми на Гогољ до западноевропскиот театар на апсурдот. Во 1924 година Ердман му ја понудил на Мејерхољд својата прва целовечерна пиеса „Мандат“, која со голем успех била изведена во Театарот на Мејерхољд (1925). Следната Ердманова соработка со Мејерхољд била „Самоубиец“ (1928), „фантастична смеша на смешното и возвишеното“. Пиесата се надоврзува на темата на симулирано самоубиство, воведена во руската литература од Сухово-Кобилин во „Смртта на Тарелкин“ (1869). Надежда Мандељштам ја прогласила за врв на советската драматургија. Вртоглавиот стек на околности, отелотворен со блесокот и динамиката својствени на Ердман, го прави очевиден апсурдот на советската стварност, за која еден од ликовите вели: „Во денешно време, граѓанине Потсекаљников, она што може да го помисли живиот, може да го искаже само мртвиот!“. Напорите на Мејерхољд да го постави „Самоубиец“ биле оневозможени од Гланиот репертоарски комитет. Во весникот „Трудбеничка Москва“ се појавила статија под наслов „Обид да се протне реакционерна пиеса – антисоветски испад на Театарот на Мејерхољд“. И Театарот Вахтангов сакал да го постави „Самоубиец“, но и тој не успеал. Константин Станиславски, восхитен од пиесата, му напишал на Сталин писмо во кое го споредил Ердман со Гогољ, се повикал на ентузијазмот на Горки и Луначарски за „Самоубиец“ и побарал дозвола да биде поставена на сцената на МХАТ. Сталин му одговорил: „Почитуван Константин Сергеевич, јас не спаѓам во поклониците на пиесата ‘Самоубиец’, но се надевам дека Вашето мајстoрство и сила ќе ѝ го дадат значењето кое јас не го гледам во неа“, но по една година, пред премиерата, лично ја забранил. Во 1932 година, по затворената контролна проба, и претставата на Мејерхољд била забранета од партиска комисија предводена од членот на Полибирото Лазар Каганович.

ПРОГОНСТВО ЗА АВТОРОТ

Ердман престанал да пишува драми и своето внимание го насочил кон филмот. Но, на една вечерна забава во Кремљ, славниот актер на МХАТ Василиј Качалов, под дејство на алкохол, лекоумно, почнал да ги рецитира Ердмановите сатирични басни за Сталин. Тоа му ја запечатило судбината на Ердман. Бил уапсен и депортиран во Сибир (1933). При едно од своите илегални доаѓања во Москва, Ердман му го прочитал на Булгаков првиот чин од од својата незавршена пиеса „Хипнотизер“. Булгаков бил толку импресиониран што му пишал на Сталин: „Длабокопочитуван Јосиф Висарионович! Дозволете ми да Ви се обратам со молба во врска со драматургот Николај Робертович Ердман, кој го издржи своето тригодишно прогонство… и сега живее во Каљинин… Си дозволувам да Ве замолам да обратите внимание на неговата судбина… Јас срдечно Ве молам на Ердман да му се овозможи да се врати во Москва, непречено да ѝ се посвети на литературата и да ја надмине состојбата на осаменост и душевна угнетеност“. Одговор не добил. Но, набргу се случил пресврт. Животот на Ердман заличил на животот на неговите гротескни ликови. Најпрвин, филмската комедија „Волга-Волга“ за која сценарио напишал Ердман, ја добила Сталиновата награда 1941. Името на Ердман го немало на шпицата. „За твое добро“, му објаснил режисерот Александров. И ни рубља од наградата не му дал на Ердман. А во 1942 година, под патронажа на шефот на НКВД Лаврентиј Берија, Ердман бил прекомандуван во Москва за да пишува дијалози за Ансамблот за песни и танци на НКВД, во кој биле прекомандувани Шостакович, кој пишувал музика, Јуриј Љубимов, кој бил конферансие, а режирал Сергеј Јуткевич, асистентот на Ејзенштејн. По војната, Ердман се посветил на најаполитичната можна активност, пишувал сценарија за детски филмови. Живеел повлечено сѐ до 1964 година, кога Јуриј Љубимов го повикал да му се придружи на штотуку формираниот Театар на Тагањка.

КУРШУМ ЗА РЕЖИСЕРОТ

В0 1937 година, Театарот на Мејерхољд бил затворен, делумно поради настојувањата на режисерот да го постави „Самоубиец“, но повеќе поради неговото одбивање да ја прифати политичката коректност која на уметноста ѝ ја наложувала власта. Во 1937 година, во статијата „Туѓ театар“од Платон Керженцев објавена во весникот „Правда“, претседателот на Комитетот за уметнички прашања го обвинил Мејерхољд за „систематско оддалечување од советската стварност, политичка дисторзија на реалноста и антидржавно клеветење на нашиот живот“. По неколкугодишно шиканирање, Мејерхољд бил уапсен. Изложен на тортура, бил присилен да ги признае обвиненијата за шпионажа, „заговор за атентат на Сталин“ и членување во контрареволуционерна троцкистичка организација. Во февруари 1940 година, на возраст од 65 години, Мејерхољд бил егзекутиран во еден московски затвор.

И ПО СМРТТА НА СТАЛИН, ЗАБРАНИ

Во 1956 година, Театарот Вахтангов и Театарот Мајаковски се обиделе да го постават „Самоубиец“. Во 1965 година, на Јуриј Љубимов му било наложено да го прекине поставувањето на „Самоубиец“ во Театарот на Тагањка. Во 1982 година била забранета изведбата во Театарот на сатирата. Дури во 1990 година, 20 години по смртта на Ердман и 50 години по смртта на Мејерхољд, несудениот режисер на „Самоубиец“, Љубимов, добил дозвола да го постави „Самоубиец“. Но, светската праизведба на „Самоубиец“ се одржала во Шведска во 1968 година. Ердман не ја видел. Умрел на 10 август 1970 година.

ВО „КОМУНИЗМОТ“ ЕДНАШ, ВО ГРУЕВИЗМОТ НИЕДНАШ

Во Македонија „Самоубиец“ стигнал откако бил изведен во Белград и Загреб. Во 1973 година, режисерот Љуба Милошевиќ го поставил Ердмановиот „Самоубиец“ во Народниот театар во Битола. Премиерата се одржала на 18 јуни 1973 година во Прилеп, во рамките на Театарските игри „Војдан Чернодрински“. Во монографијата на битолскиот театар го најдов податокот дека во 1973 година претставата била изведена само еднаш! Всушност, таа никогаш не била одиграна пред битолската публика. Претставата не сум ја гледал, но познавајќи ги режисерот и актерите, верувам дека била добра. Но, претставата ја снемало! Била „политички укината“, си спомнува еден од актерите. Доајените на битолскиот театар ми раскажуваа за „укинувањето на претставата“ на денот кога ја очекувавме Комисијата за идеологија и култура на ЦК СКМ која ја гледаше нашата претстава „Свечена вечера во погребалното претпријатие“. На состанокот потоа, Комисијата им препорача на актерите да ја „самоукинат“ претставата зашто немало оптимизам и позитивен јунак! Актерите одбија и претставата имаше долг живот, се играше 80 пати, сѐ дури здравјето на актерот Љубиша Трајковски го дозволуваше тоа.

СЕНИШТАТА СЕ РАЗБУДЕНИ

По сѐ изгледа дека скопската публика нема да го види Ердмановиот „Самоубиец“ во 2016 година. И нема да види дека самоубиецот не се убива, како што подметнуваат игнорантот Миленко и неговите суфлери, обидувајќи се да ме обвинат за „морбидно влијание“(!) врз младите. Скопската публика ќе можеше да види дека јунакот на Ердман, младиот Потсекаљников, ќе одлучи да живее и да не дозволи од неговата смрт да профитираат мршојадците (претставници на интелигенцијата, црквата, партијата…), кои го прогонуваат да потпише дека се убива во името на нивните каузи. Проблемот веќе не е во тоа што „Самоубиец“ е убиен уште пред да стигне до Министерството за култура на Република Македонија, проблемот е во муницијата со која се изведе убиството, во леснотијата со која џукелизмот од ден на ден испорачуваше нови „аргументи“, бесмислени во својата противречност и маалски во својата фалшивост. Проблемот е во тоа што обвиненијата против пиесата, авторот и режисерот од времето на сталинизмот ни звучат многу познато, денес и овде. Проблемот е во правопропорционалноста на плиткоумието и злобата на егзекуторите. Колку е поголема нивната плиткоумност, толку е поотровна нивната злоба. Куртонистите тврдат дека наградата за „Нашиот клас“ Јоаким Интерфест е добиена „под тежок притисок на соросовите инсталации во Србија“. „Нашиот клас“ освои награда за најдобра претстава, а Џидров и Пупучевска беа наградени за визуелноста на претставата. Две години порано, јас во Крагуевац бев награден како најдобар режисер за Бекетовиот „Чекајќи го Годо“ поставен во Турскиот театар. А една година претходно, наградата за најдобар актер на истиот фестивал ја доби надалеку познатиот соросоид Тони Михајловски, за главната улога во „Црвената магија“ што ја поставив во струмичкиот театар. Нема што, се изнамачиле соросовите инсталации во Србија!

Таму сме каде што сме. Сардисани од повампирени сеништа.

Би можело да ве интересира

Милчин до Адеми: Како не ти е срам, пицеријата кај чинарот е скала?

Татјана Ташкова

Милчин: Милошоски не може да разбере дека критиките кон Заев не се со цел Мицкоски да дојде на власт

Ана Ололовска

Милчин: Признавам, не верувам веќе во Заев, се излажав

Наум Локоски

Стражарат и кај Милчин – Уште не тепале

Ана Ололовска

Милчин: Дека Груевски лаже не е тајна, неговата фиксација навлегува во подрачјето на психопатологијата

Емир Латифовиќ

Милчин: Партијата му (онаа на Грујо, де!) одамна ја голтна државата

Емир Латифовиќ