Светскиот ден на книгата и авторското право

Од:

Книгата е размена на идеи, најубавиот пронајдок на човекот што ги урива границите на просторот и на времето. Секоја форма на книгата е драгоцена, таа не едуцира, ја шири културата и информациите, се наведува во пораката од генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова прочитана денеска на одбележувањето на 23 април, Светскиот ден на книгата и авторското право во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје.

Во пораката се вели дека Бангкок е назначен за Светска престолнина на книгата во 2013 година како признание за неговата програма за поттикнување на читањето кај младите, кај маргинализираните и кај онаа популација со потешкотии.

– Овој ден претставува убава можност заедно да размислиме за подобро ширење на писмената култура и да му овозможиме на секој поединец, маж, жена, дете, да ни се придружи во ширењето на читањето и поддршката на занаетите и умешностите поврзани со издаваштвото, книжарниците, библиотеките, училиштата. Книгите се нашите сојузници во ширењето на образованието, науката и културата и на информациите насекаде во светот, стои во пораката од Бокова.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Миле Бошески во обраќањето пред присутните рече дека го одбележуваат Светскиот ден на книгата и авторското право како симболичен датум во историјата на светската книжевност, кога во 1616 година почина големиот шпански писател Мигуел де Сервантес и година кога се роди грандиозниот претставник на светската книжевност Вилијам Шекспир. Идејата, посочи тој, е заснована на стариот каталонски обичај, на овој ден да се подари книга и роза, нешта кои сами по себе симболизираат совршенство во човечката и природата што не опкружува.

– Оваа година македонската порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право ја подготви нашиот истакнат поет и есеист Никола Маџиров, истакна Бошески.

Маџиров пред присутните ја прочита пораката во која наведува „Книгата молчи кога е во дланките. И зборува преку дождот, кога некој ја пали на плоштади. И постои преку правта, кога некој ја поробува во колекции“.

– Сакам да сум сведок на книжевноста, на поезијата, зашто наследените стравови и несигурности честопати не ми дозволуваат да бидам сведок на градовите со кои се разминувам. Пишувањето поезија е како пополнување на празните места во Менделеевиот периоден систем со нови елементи, кои всушност отсекогаш постоеле. Кога се пишува се гледа напред дури и кога се сеќаваме. Моите книги се одврзани бовчи на слободни бегства, на лична и просторна колебливост, потрага по дом во кој сите шкафови и прозорци се отворени, во кој огледалата и чаршафите се рамни како рамнодушност на воен ветеран, вели Маџиров во пораката.

НУБ „Св.Климент Охридски“ пред четири години ја воведе единствената книжевна награда во Македонија за најчитан автор врз основа на показатели од јавни библиотеки. Оваа година признанието му припадна на писателот и актер Сашо Тасевски.

– Признанието има и дополнителна вредност што оваа хартија е изработена од учениците од основните училишта од Скопје, рече Бошески.

Тасевски заблагодарувајќи се за признанието истакна дека наградата е голема мотивација за него. Тој изрази надеж дека до крајот на годината ќе излезат неговите две книги.

– Драго ми е што читателите оние кои јас ги создадов почнувајќи со „Шмизла“ со мојата прва книга, па до последната „Принцезата на малиот принц“ едноставно јас знам дека се луѓе кои имаат специфичен вкус и кои сакаат сатирично да гледаат на едно време, на еден систем во кој живееме кои се потешко сакаат да се испробат себеси, својата толерантност, демократичност итн., додаде Тасевски.

Бошески и подари книга и роза на Лидија Топузовска, генерален секретар на Комисијата на УНЕСКО при Министерството за култура која традиционално го поддршува одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право. Заменик-амбасадорот на Шведска Оса Персон на НУБ „Св.Климент Охридски“ и подари енциклопедиско издание од славниот светски признат ботаничар Карл Фон Лине.

Би можело да ве интересира

„Цепај сине“, купи книга и биди хуман: Ѕоф и „Арс Ламина“ во нова хуманитарна акција

Онлајн-промоција на „Почитувани бубачки и други морничави приказни“од Маша Колановиќ

Кристина Краличин добитник на првата награда на конкурсот „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia”

Објавена книгата за деца и млади „Диносаурус“ од Аевар Тор Бенедиктсон

Нова книга со раскази „Деконструкција на празнината“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска