Во Музеј на Град Скопје вечер ќе биде отворена ретроспективна изложба на карикатури од Делчо Михајлов (1947–2010), еден од најреномираните македонски карикатуристи. Со изложбата ќе бидат одбележени 50 години од објавувањето на неговата прва карикатура.
Ќе бидат изложени педесетина карикатури од речиси сите фази на неговото творештво работени во техниките во кои Михајлов најчесто се изразувал – туш и акварел на хартија.
– Карикатурите на Михајлов се некоја „порака во шише“, некој изразен концепт, одреден вредносен модел, некаков однос со светот кој е пуштен или е фрлен во непредвидливите струи на идните времиња. Тие се и некаква наша надеж дека тој збир од вредности на идните генерации ќе може да им пренесе доволно поттик за пронаоѓање на натамошни патишта темелени на комичкиот израз. Овие карикатури се сведоштво за остварливоста на идејата за креативноста во сферата на масовното, соопшти организаторот на изложбата.
Михајлов редовно објавувал карикатури од 1963 година, а од 1970-тите ги публикувал во различни дневни весници и списанија во земјата и во странство. Од 1973 учествувал на над 250 конкурси, изложби и фестивали на карикатурата (Париз, Монтреал, Токио, Рим, Рио де Жанеиро, Франкфурт, Техеран, Отава …) каде што освоил и значајни награди.
Дипломирал во 1974 на Архитектонскиот факултет во Скопје, работел во „Нова Македонија“, „Остен“, во студиото за анимиран филм во „Вардар филм“, во одделот за маркетинг при „Металски завод Тито“, а од 1993 година имаше статус на слободен уметник. Од 1995 до 2000 беше директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а во 2008-2009 го водеше самостојниот проект „Анте портас“, презентиран во Музејот на град Скопје и во седиштето на ЕУ во Брисел.
Изработол шест краткометражни анимирани филмови и графички дизајнирал и илустрирал книги. Бил меѓу иницијаторите за прием на македонските аниматори во Меѓународната аниматорска асоцијација АСИФА.
Неколку негови карикатури се во колекциите на музеите на карикатурата во Толентино (Италија), Монтреал (Канада) и во Измир (Турција).
Во 1994 му е доделена највисоката награда на Република Македонија „11 Октомври“ за 30 години творештво во областа на карикатурата.