Продуцентот на долгометражниот игран филм „Златна петорка“, „Револушн“ – продукција од Скопје реагира на одлуката на Комисијата на Друштвото на филмски работници, Македонија да нема претставник за Оскарот.
Според продукциската куќа, ваквата одлука е скандалозна и претставува обид за стопирање на понатамошниот живот на филмот „Златна петорка“, чиј што успех, наведуваат, е евидентен.
– Со неодамнешната скандалозна одлука на Комисијата на Друштвото на филмски работници, Македонија да нема претставник за Оскарот, не сме само ние тие што се навредени, оштетени и осуетени. Со оваа налудничава одлука ќе ѝ биде нанесена огромна штета на државата во регионот и пошироко, се наведува во реакцијата.
Меѓу другото, се бара и лоцирање на виновниците, да се признаат грешките и да се понесе одговорноста за ваквата одлука.
– Бараме Агенцијата за филм на РМ на чело со в.д. директорот Горјан Тозија да застане на страната на продуцентите, во одбрана на филмските проекти. Македонија вложила финансиски и креативно во филмовите и ние треба да имаме претставник за Оскарот, стои во реакцијата од „Револушн“ продукција.
Друштвото на филмски работници изминатиот викенд соопшти дека Комисијата за избор на македонски кандидат за Оскар одлучила оти ниту еден од пријавените филмови, „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска и „Златната петорка“ на Горан Тренчовски нема да ја претставува Македонија во трката за Оскар од неанглиско говорно подрачје затоа што не ги исполнуваат естетските и наративните критериуми.