Министерот за култура Асаф Адеми денеска се сретна со претседателот на шпанското Здружение на автори и издавачи (SGAE), Фабиана Буенавентура Канино, на која присуствуваше и амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија Емилио Лорецо Сера и повеќе експерти од оваа област.
На средбата, соопштија од Министерството за култура, Адеми и гостинката од Шпанија, која е член и на бордовите на Светска организација за интелектуална сопственост и на Здружението за заштита на аудиовизуелната сопственост, размениле мислења и ставови поврзани со заштитата на авторското право и сродните права, како и со измените и дополнувањата на нашиот Закон за авторското право и сродните права, во контекст на негово усогласување со законодавството на ЕУ.
Буенавентура Канино на средбата потенцирала дека Здружението на автори и издавачи (SGAE) е приватен субјект кој со своето долгогодишно искуство е посветен токму на одбраната и колективно управување на правата на интелектуална сопственост на своите над 120.000 членови.
Имајќи ја предвид потребата од донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права кој ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ, министерот Адеми подвлекол дека истиот целосно ќе создаде услови за непречено остварување на авторското право и сродните права, особено во делот на колективното управување.
Тој додал дека Министерството за култура, во најтранспарентна постапка, ги зема предвид и ставовите на сите засегнати страни (носители на права и корисници) во процесот на донесување на измените на Законот.