Добитник на златна плакета за карикатура на Меѓународниот фестивал за карикатура и афоризам „Пијанец 2015“ во Делчево е Дарко Дрљевиќ, карикатурист од Црна Гора, одлучи жири комисијата на годинашново, четврто по ред издание, кое треба да се одржи на 24.мај.
Од областа на карикатурата сребрената плакета ја доби Олекси Кустовски од Украина, а бронзената Клаус Пинтер од Австрија.
Од областа на афоризмот златната плакета му е доделена на Александар Чотриќ од Србија, сребрената на македонскиот сатиричар Витомир Долински од Струга, а бронзената плакета ја делат Владица Миленковиќ и Владимир Драмичанин од Србија.
Блаже Докулески е добитник на наградата за посебен придонес во развојот и популаризацијата на македонската карикатура во светот.
На фестивалот се пријавени над 200 карикатури од десетина најдобри карикатуристи од светот, но и над 1.000 афоризми од афористичари од балканските земји.
– Изненадени сме од големиот интерес на домашни и автори од странство, врвни карикатуристи и афористичари, што ветува квалитетна програма и за годинашново, четврто по ред издание на Меѓународниот фестивал закарикатура и афоризам „Пијанец 2015“ во Делчево, изјави за МИА сатиричарот Миле Ѓорѓијоски, од организациониот одбор на фестивалот.