Во галеријата „Остен“ во наредните три недели последователнo ќе бидат изложени избори од пристигнатите дигитални карикатури на 43-та, 44-та и 45-та Светска галерија на карикатури „Скопје 2014“.
Од утре до 13 март ќе бидат претставени карикатури од 43-тата, а избори на карикатури од другите две (44-та и 45-та) ќе бидат изложени во текот на овој месец за што „Остен“ дополнително ќе информира.
Изминатава, 2014 година, „Остен“ донесе одлука да организира три тематски конкурси на дигитална карикатура, кои ќе ги пополнат пропуштените изданија од 2005 до 2008 година и кои ќе го задржат континуитетот на Светската галерија на карикатури која лани наполни 45 години постоење.
– Од 2005 до 2008 три изданија на Светската галерија на карикатури не се одржаа, поради што настана нарушување во редоследот на годините на одржувањето на Светската галерија на карикатури. Токму затоа, последното издание наместо јубилејна 45-та, беше насловено како 42-ра Светска галерија на карикатури – Скопје 2014, соопшти „Остен“ кој оваа година одбележува 70 години постоење.
Конкурсот за дигитални карикатури за 43. Светска галерија на карикатури (од кои избор ќе биде презентиран од 6-ти до 13 март) беше на тема „Лето“, а селектор на карикатурите Мирослав Георгиевски Миро. Награден карикатурист на овој конкурс е Рос Томсон од Обединетото Кралство.
Темите на следните два конкурса (за 44-та и за 45-та Светска галерија), се „Вино“ и „Фудбал“ и ќе бидат презентирани до крајот на месецов.
Светската галерија на карикатури е формирана од Редакцијата на списанието „Остен“ во 1969 година и е единствена манифестација од овој вид во Македонија. Прва е на Балканот и се вбројува меѓу најстарите во светот.