Се очекува намалување на каматите на кредитите. Трендот е присутен, но намалувањето оди постепено, рече денеска Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија.
– Намалувањето на каматната стапка на благајничките записи што го направи Народната банка е сигнал за банките. Имам информации дека некои банки веќе ги намалија каматите на депозитите поради што се очекува и намалување на каматите на кредитите. Сепак, тоа нема да биде радикално, истакна Јанчевски на седницата на Здружението.
Во 2009 година просечната камата беше 9,3 отсто, а лани 7,3 проценти.
Според Јанчевски, глобалната криза што се почувствува и во Македонија повеќе се одрази во реалниот сектор додека банкарството остана стабилно, со висока ликвидност и профитабилност која постепено се намалува. Во 2012 година, заклучно со 30 септември, во однос на 2011, билансите на банките се пораснати за 2,4 отсто, на кредитите за 5,4, а на депозитите за 5 проценти. Генерално, станува збор за пораст на депозити на населението.
– Кризата во реалниот сектор имаше влијание и во банкарството. Процентот на нефункционалните кредити се зголеми од 9,5 на 11,6 отсто, истакна Јанчевски.
Иако БДП е намален и изнесува, посочи, околу нула, банките не престанаа со кредитна активност, но процесот, сепак, е забавен.
Во Македонија фунцкионираат 17 банки од кои 12 се со доминантен странски капитал. Трите најголеми располагаат со 65 отсто пазарен удел во секторот. Капитализираноста е се уште висока, околу 17 отсто, што го подобрува чувството на стабилност и сигурност.
Банкарите бараат допрецизирање на дел од постојните законски одредби и регулирање на работењето на штедилниците на едно место.