Кредитите кај нас нема наскоро да поевтинат: Има само тренд на привремено стабилизирање на поскапувања, сметаат од НБРМ

Од:

Централните банки во земјите во Европа и во светот во последните година и половина ја скротуваа инфлацијата со зголемување на основните каматни стапки, што предизвика и зголемување на каматите на кредите кои граѓаните ги користат.

Но, за првпат од јануари 2021 година дел од централните банки ги намалуваат каматните стапки и според анализата на 81 централна банка ширум светот која ја подготви стратегот за истражување на Deutsche Bank, Џим Рид има повеќе централни банки кои ги намалуваат стапките од оние што ги зголемуваат.

Додека големите централни банки како Федералните резерви на САД и Европската централна банка ги одржуваат стапките стабилни во моментов, според анализата, постои голема веројатност дека и тие ќе почнат да ги зголемуваат стапките во месеците што следат.
Глобалниот тренд на намалување на каматните стапки ќе донесе олеснување за должниците бидејќи ќе ги намали трошоците за задолжување за се, од хипотеки до кредитни картички.

Народната банка на Македонија не гледа помасовен тренд на намалување на каматните стапки од страна на централите банки и според неа евидентно е привремено стабилизирање во трендот на затегнување на мерките.

– Засега се уште не гледаме помасовен тренд на намалување на каматните стапки од страна на централните банки, а тука пред се мислиме на водечките централни банки во светот. Евидентно е привремено стабилизирање во трендот на затегнување, имајќи предвид дека на последните состаноци овие централни банки не продолжија со натамошно зголемување на каматните стапки, туку истите ги задржаа на непроменето ниво, со оценки дека тековното ниво на каматните стапки најверојатно ќе треба да се задржи подолг период со цел одржливо сведување на инфлацијата на целните нивоа.

Секако, одлуките на носителите на монетарната политика се водени од податоците и од тоа како тие се движат во однос на очекувањата, така што тоа ќе продолжи да биде главната детерминанта за идната насока на движење кај каматните стапки – истакнаа од НБРМ за „А1он“.

Оттаму сметаат дека досега направените промени во монетарната политика кај нас, како и во делот на макро–прудентните мерки, како што се констатира во последниот извештај на ММФ и извештајот на ЕК за напредокот на земјава, се соодветни на оцените коишто НБРМ ги прави за економските и финансиските услови во домашната економија.

– Идните промени во каматната стапка ќе зависат од неколку клучни показатели. Прво, ова се однесува на динамиката на инфлацијата, којашто значајно успорува и исклучително е важно да се види понатамошно намалување на инфлациските притисоци, на потрајна основа.

Понатаму, со оглед на стратегијата на одржување на стабилен девизен курс на денарот, важни се и поместувањата на девизниот пазар. На овој сегмент движењата засега се стабилни, и во голема мерка условени од значајно намалените притисоци врз трговскиот дефицит, солидните дознаки и приливите од странски директни инвестиции. Промените во поставеноста на ЕЦБ, со оглед на нашата врзаност за курсот на еврото, исто така влијаат на носењето на нашите монетарни одлуки – образложија од Народната банка за „А1он“.

Би можело да ве интересира

Нето надворешниот долг до 30 јуни 4,48 милијарди евра

Просечната каматна стапка на вкупните кредити 5,44%, а на депозитите 1,96%

Ангеловска-Бежоска − Салас: Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен

Нацевска: Рамката на раководење и транспарентноста клучни за одржување на кредибилитетот на централните банки

Граѓаните да внимаваат, има опасна измама за кражба на податоци од платежни картички предупредува Народна банка

Катерина Ѓуровски

Ангеловска-Бежоска − Агелер: Народната банка придонесува за стабилноста на економијата и ужива висока доверба