Директорот на ЈП Службен весник на Република Македонија, Мартин Костовски и претседателот на Врховен суд на Република Македонија, Јово Вангеловски вчера потпишаа Меморандум за соработка, со цел поврзување на информациските системи на двете институции, во делот на доставата на огласите кои судовите ги објавуваат во службеното гласило.
Со потпишувањето на Меморандум, како што соопштија од Службен весник, се зајакнува меѓусебната соработка и се олеснува автоматската размена на податоците во електронска форма помеѓу двете институции, со цел да се овозможи интеграција на АКМИС-системот со информатичкиот систем на јавното претпријатие за подготовка на службеното гласило „Службен весник на Република Македонија“.
За ЈП Службен весник на РМ овој Меморандум ќе овозможи брза комуникација со која ќе се елиминира досегашната практика за мануелна обработка и внес на сите огласи и нивно печатење во хартиена верзија, во интерес на зголемена ефикасност и економичност при нивното менаџирање.
Првите луѓе на двете институции на средбата изразиле задоволство од досегашната соработка, најавувајќи нови заеднички проекти што би биле од корист за судовите, но и за стручната и за пошироката јавност.