Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ изрази загриженост за физичката состојба на играчите пред денешното решавачко гостување кај Англија во Лигата на нациите.
Причината е тешкиот меч против Шпанија пред неколку дена, што светскиот вицешампион ја доби со 3:2.
– Ние целосно го почитуваме англискиот тим. Научивме многу од двата наши натпревари годинава. Нивните играчи се млади и многу силни. Тие се прилично брзи и играат навистина добро. Но, јас сум повеќе загрижен за нашиот тим, бидејќи игравме против Шпанија пред два дена и сме уморни. Ќе се обидам да го извлечам најдоброто од моите играчи за да можат да се справат со овој тим во Англија. Тие обично играат со долги топки од голманот и трчаат доста на теренот, но треба да играме против нив и ќе дадеме се од себе, изјави Далиќ на пресконференцијата пред дуелот.
Дуелот почнува од 15.00 часот по македонско време и е одлучувачки за финалниот пласман во групата 4 од дивизијата „А“. Победникот ќе ја освои групата и ќе продолжи напред.
При нерешено, Шпанија ќе го задржи првото место со шест поени. Ако тоа е без голови, Англија ќе остане на второто место со пет, а Хрватска, исто така со пет поени, ќе испадне поради гол разликата.
Сепак, во случај на нерешен резултат со постигнати голови, двата тима ќе ги разменат своите позиции, заради првиот меч меѓу нив во Загреб, кој заврши 0:0.