Денешната снимка каде се бројат парите пронајдени кај Љубе Бошкоски има поврзаност со случајот „Кампања“ за кој беше осуден лидерот на Обединети за Македонија. Денеска видовме од криен материјал што се се случувало. Досега немавме можност да го видиме ова. Ова е сокриен материјал од депониите на МВР кој сосема поинаква слика би фрлиле на случајот „Кампања“, вели за А1он/Макфакс адвокатот на Љубе Бошкоски, Константин Кратовалиев.
– Можевме да видиме дека се бројат апоените на новчаниците, се гледа дека сите 1000 новчаници по 100 евра се со последователни броеви, што ниту една банка во Република Македонија не може да има новчаници по 100 евра сите да бидат со сериски броеви еден по друг, тоа може само да го има емисионата банка, вели Кратовалиев.
-Од друга страна можеше да се забележи дека при борењето на парите лицата од крим техниката ги фаќаа парите со раце, а ние во случајот имавме вештачење од МВР каде се тврдеше дека на новчаниците нема папиларни линии освен на две женски лица што е невозможно, очигледно од видеата е дека барем 3 машки лица ги фаќаа парите. Тоа значи дека имаме целосна разлика помеѓу она што ни беше презентирано како вештачење од страна на обвинителството во фазата на Тортура и она што сега имаме можност да го видиме од снимките и неразбирливо е зошто материјалот е криен, рече адвокатот на Бошкоски.
Тој не сакаше да искоментира дали случајот „Кампања“ е наместен односно дали парите кои се пронајдени кај Бошкоски се на МВР, но истакна дека во наредните рочиште ќе има прилика да се видат и останатите видеа поврзани со предметот што би било показател кон тоа предметот „Кампања“ да е монтиран.
-Другиот дел од снимките исто така не би ги коментирал да не навлезам во овој предмет, но очигледно е дека е сокриен материјал кој бил дал сосема поинаква слика во самиот предмет „Кампања“ кој што би можел да биде користен од одбраната и кој што од неразбирливи причини не е изнесен. Зошто, кој го криел и како го криел е сосема друго прашање кое треба да се испита, рече Кратовалиев.
Виктор Јованов