Тренерот на екипата на Металург, Данило Брестовац, по вчерашната победа над Татран Прешов со 30:28 во СЕХА-лигата, изјави дека тимот работи добро и се наоѓа на вистинскиот пат.
– Знаевме дека Татран има проблеми со ротација. Се обидувавме да играме поагресивно и ја искористиме нивната кратка ротација. Но, не би сакал да правам подлабока анализа. Резултатите не се мерило за успехот. Ние работиме добро и се наоѓаме на вистинскиот пат. Во овој процес на создавање на играчи, би било добро да фатиме резултатски континуитет. Напредуваме по секој тренинг, по секој натпревар. Сепак, за врвни резултати треба трпение, рече тренерот на металурзите.
Тој изрази и голема благодарност до Халил Јгањац, кој си заминува од тимот од Автокоманда и за кој вели дека очекува да стане „еден од најдобрите ракометари во светот“.
– Честитки до сите ракометари, како и до Јагањац, кој беше наш лидер на овој меч. Очекувам тој да стане еден од најдобрите на светот. Ми претставува особена чест и задоволство да му бидам тренер во овие два-три месеци. На местото на Халил доаѓа нов играч, ќе треба повторно да се прилагодуваме, но имаме време, изјави Брестовац.
Самиот Јагањац по дуелот изјави дека овој натпревар во дресот на Металург бил многу емотивен за него.
– Покажавме дека сме млад тим, но кога сè ќе се направи како што треба – тогаш може да се игра против секого. Македонија има светла иднина во поглед на младите ракометари. Би им се заблагодарил на управата, како и на сите играчи и тренери со кои соработував во овој период во Металург. На секој натпревар дадов сè од себе, за да се оддолжам за довербата. Жал ми е што си заминувам, но и задоволен сум што го правам тоа со победа, изјави Хрватот, кој во следните четири години ќе го носи дресот на хрватскиот вицешампион Нексе.