Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тревник“ и „Т.Н.Т“.
Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.
Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
Во судот за денеска е закажао рочиште и за предметот „Т.Н.Т“, за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
За предметот „Т.Н.Т“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.