Стопирањето на изградбата на станбена заграда кај „Мајчин дом“ во Аеродром беше главниот адут на актуелниот градоначалник Златко Марин за локалните избори минатата година на кои стана прв човек на општината на местото долгогодинешниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Ивица Конески.
Како опозициски член на советот на општината, Марин му предлагаше на тогашниот градоначалник Ивица Конески решенија, како преку обештетување на сопствениците на земјиштето да се зачува зеленилото во овој дел од општината – ветувања со кои успеа да ги освои гласовите на жителите и да застане на чело на Општината.
Но, по се изгледа градоначалникот на Аеродром ја изневери довербата кај граѓаните кои започнаа со протести, откако од градоначалничката позиција, Марин, на некој начин ја поддржа изградбата неспротиставувајќи се на, како што некогаш велеше, „градежната мафија“ која ги уништува зелените површини.
И по неуспохот да ја сопре изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом, градоначалникот на Општина Аеродром, рече дека нема да поднесе оставка како што бараат граѓаните бидејќи ги исцрпел сите правни можности за да ја сопре градбата. Тој вели дека е на страната на жителите, но прашање е дали уште тие се на негова страна.
Општината поднела 13 претставки до Уставниот суд за овој објект за кој Марин смета дека на тоа место не треба да има зграда, но тврди дека нема можност да ја спречи изградбата. Што се однесува до решенијата кои Марин како опозиционер му ги предлагаше на Ивица Конески, сега, градоначалникот на Аеродром вели дека премногу би ја чинеле општината и од таа причина е невозможно да се обештат сопствениците на земјиштето и да се запре изградбата.
Златко Марин ги излажа граѓаните. Златко Марин ја штити сега како што сам ја нарече „Урбана мафија“. Златко Марин го критикуваше, ама продолжи по стапките на Ивица Коневски.