Неколку стотици Тунижани се собраа денеска на протести во тунискиот главен град Тунис против најавените реформи, чија примарна цел е зголемување на правата на жените, јави ДПА.
Протестите следат откако комисијата што лани ја формираше тунискиот претседател Бежи Каид Есебси со задача да подготви реформи во сферата на граѓанското право, предложи промени кои, меѓу другото, вклучуваат и изденачување на правото на наследство меѓу мажите и жените и декриминализација на хомосексуалноста.
Изедначувањето на наследното право се смета за контроверзно во муслиманските земји, имајќи предвид дека исламското право предвидува оти ќерките можат да наследат само половина од наследството на синовите.
Учесниците на денешните протести, меѓу кои и неколкумина муслимански духовници, носеа примероци на Куранот и транспаренти со натпис „Не на промената на божјиот закон“ и „Тунижани, почитувајте ги правилата на Исламот“.
Тие ги осудија најавените реформи оценувајќи ги како „неисламски“ и како „деструктивни за тунискиот идентитет“.
Согласно Уставот на Тунис од 2014 година, Исламот е прогласен за државна религија.