Јужноафриканскиот милијардер Патрис Мотсепе ќе подари половина од своето богатство на добротворна организација, следејќи го примерот на Бил Гејтс и Ворен Бафет.
Педесет и едногодишниот Мотсепе е сопственик на компанијата за експлоатација на руда „Африкан рејнбоу минералс“. Тој е осмиот најбогат човек на африканскиот континент со 2,65 милијарди долари според податоците на списанието „Форбс“.
Парите ќе бидат искористени „за подобрување на секојдневието и условите за живот на сиромашните, инвалидите и невработените Јужноафриканци, за жените, младите луѓе и работниците“„, изјави неговата сопруга Прешс.
Патрис Мотсепе е првиот Африканец, кој одговори на повикот „Ветување за дарување“ (Giving Pledge). Кампањата беше лансирана во 2010 година од инвеститорот Ворен Бафет и основач на „Мајкрософт“ Бил Гејтс и има за цел да ги поттикне најбогатите личности да даруваат дел од богатството во добротворни цели.