Истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки од 31 основно и 18 средни училишта се дел од финалето што се одржува денеска и утре за јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“, што го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакна дека имале тешка задача да го организираат финалето со оглед дека пристигнале 100 апликации, а очекувале 15 до 20. Барем третина или половина од училиштата што се дел од финалето се очекува да добијат финансии за проектите од ФИТР.
– Идејата произлезе од тоа како да потикнеме креативно размислување кај младите бидејќи тоа е многу важно понатаму за развој на целото општество и она што го правиме како Фонд за иновации со финансирање проекти кои реално ќе ја променат околината и државата, рече Деспотовски, најавувајќи дека е можно поради големиот интерес Фондот да објави уште еден повик кон крајот на годинава.
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија, пред учениците ги претстави иновативните активности што ги презема оваа организација за помош на децата во светот, истакнувајќи дека во Македонија тоа се прави со организирање хакатони за да ги поттикнат децата да бидат иновативни, да смислуваат социјални иновации и за подобрување на образованието.
Движечката сила на иновативноста е љубопитноста и понекогаш општеството се обидува да ја убие љубопитноста кај нас, но ние треба да ја негуваме и поттикнуваме постојано, рече Перкс.
Тимовите од основните и средните училишта денеска и утре усно ќе ги претстават проектите пред седумчлена комисија од стручни лица од различни релевантни институции во областа на образованието, а победниците ќе бидат прогласени на 9 јуни со забава во Градски парк во Скопје.
Повикот „Предизвик за млади истражувачи“ беше отворен на 31 ноември минатата година и траеше до 15 февруари годинава.