На поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Разак, кој се товари за корупција, му е забрането да ја напушти земјата, откако тој објавил на социјалните мрежи дека планира да замине со својата сопруга на одмор.
По неговиот статус на Фејсбук се проширија коментари дека тој се подготвува да избега од државата и да не му се суди за корупцискиот скандал.
Во меѓувреме, Разак денеска поднесе оставка од лидерската позиција на неговата партија Обединета малезиска национална организација и на „Националниот фронт“, откако на почетокот на оваа недела го претрпе најголемиот пораз во досегашната историја на парламентарните избори во земјата. Неговата оставка стапува во сила веднаш.
– Сите сме многу незадоволни од она што се случи, но како партија, која ги поддржува демократските принципи, ја прифаќаме одлуката на народот, истакна поранешниот премиер на Малезија.
Разак е осомничен дека земал 700 милиони долари од Првиот малезиски развоен фонд Берхаб, кој е основан од него, но тој ги негира таквите тврдења. Фондот се уште е под истрага на неколку странски земји.
Премиерското место го зазема Махатир Мохамад (92), кој положи заклетва во четвртокот стапувајќи на функцијата како седми премиер на Малезија, со што стана и најстариот светски лидер, откако неговата опозициска алијанса освои историска изборна победа.