Граѓанско демократската унија денеска го конституираа својот највисок партиски орган, Националниот Комитет на Граѓанско демократската унија, а Согласно Статутот на ГДУ, за претседавач со истиот е избран Ѓорѓи Трендафилов.
Првата работна обврска на Националниот комитет на ГДУ беше изборот на членови на Управувачкиот Комитет, потпретседатели и секретар. На предлог на претседателот на ГДУ Петар Колев, за потпретседатели на партијата беа избрани Енсер Јусуфовски и Александар Попоски. Должноста секретар на ГДУ ќе ја извршува Димо Петкоски. Управувачкиот Комитет на ГДУ има 13 членови.
„Се радувам што мнозина со кои се запознавме во овие три месеци, денеска сте дел од партиската структура и имате желба и воља да вложите дел од вашето време и искуство во ГДУ. Можеби некому тој период му изгледа краток, но, барем мене ме исполнува со доза на задоволство затоа што иако мнозина од нас не се познававме меѓусебе, сепак се обединивме околу една идеја, околу принципи кои се темелите и на нашата партија и на нашето меѓусебно пријателство. Ви посакувам успех во обврските кои денеска сите ние ги преземаме, како од организациска природа, така и од политичка. Во тоа сум целосно уверен“ истакна во своето обраќање пред присутните претседателот на ГДУ, Петар Колев.
НК на ГДУ денеска донесе неколку решенија од технички карактер, одлуки за избор на постојаните работни тела на партијата, правилници и сл. Меѓу повеќето, беше донесена и одлуката за изработка на Правилник за фер пристап до партиските ресурси на евентуалните партиски фракции ГДУ и Правилникот за внатрепартиските избори, се наведува во соопштението на ГДУ.