Во текот на вчерашниот ден, директорот на студентските домови во Скопје, Дарио Николовски, ги посети вработените и студентите во домовите Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов. Посетата беше со цел да се запознае одблиску со проблемите со кои тие се соочуваат, како би се дефинирале приоритетните активности и реконструкции за оваа година.
Во Стив Наумов често нема топла вода, голем дел од радијаторите не функционираат, а кровот прокиснува на повеќе места. Хигиената во дворот е на катастрофално ниво, опремата со која работат вработените е стара и нефункционална и има сериозен недостаток од кадар. Студентите особено се жалат на зимскиот период кога е условите за престој се под секое човечко достоинство.
Во домот Кузман Јосифовски Питу приоритетна е реконструкцијата на кујната и набавки на нови апарати. Кујната е во лоша состојба, рерните не работат, прокиснува плафонот и има стари апарати кои со години не функционираат, но зафаќаат место. Има недостаток на вработени а условите во соблекувалните и во работниот простор се многу лоши. Од разговорот со студентите може да се заклучи дека најмногу се незадоволни од квалитетот на храната, кое исто беше посочено и од студентите во Стив Наумов.
„ВМРО-ДПМНЕ целосно ги запоставило овие студентски домови, но работите итно ќе ги менуваме на подобро. Многу брзо ќе излеземе со план и рокови за решавање на најгорливите проблеми. Најпрво е потребно обезбедување на основни услови за пристоен престој и работа, а потоа и сериозни реконструкции и потфати за модерно студентско домување. Оваа недела ќе ги посетам сите домови со цел подобро да се запознаам со проблемите како би започнале со нивно итно решавање.“ – истакна по посетата Николовски.
Николовски најави реализација на истражување со студентите кои претстојуваат во домовите, а ги има повеќе 2200.
Целта на новото раководство, како што рече тој, е да го слушне мислењето на студентите и нивните приоритети, а потоа согласно тоа да се дефинираат приоритетните активности и да се решаваат најважните проблеми.
Денеска тој продолжува со посети на домот Гоце Делчев и Невена Георгиева Дуња.