Исламистите, кои денес го нападнаа гасното поле на нафтената компанија “Бритиш Петролеум” во Аин Аменас, во јужниот дел на Алжир и киднапираа 41 странци, бараат прекин на француската воена операција против исламистите на северот на Мали, во замена за безбедност на заложниците, објави мавританската новинска агенција АНИ.
Група на киднапери, наведе во соопштението испратено до агенцијата дека држат најмалку 40 заложници, а портпаролот Мохтар Белмохтар, познат џихадист и криумчар, претходно потврди дека стои зад киднапирањето.
Киднаперите, исто така, објавија дека безбедносните сили ги опколиле и предупредија дека секој обид за ослободување на заложниците ќе има “трагичен крај”.
Идентитетот на заложниците се уште не е познат, ниту локацијата на која се наоѓаат, иако ирската влада објави дека меѓу нив се наоѓа 36-годишент Ирец, а јапонската влада потврди дека меѓу киднапираните има и нивни државјани.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, изјави пред парламентот дека е во постојан контакт со алжирските власти во врска со нападот на гасното поле и киднапирањето.
– Додека разговарам со вас, во тек се разговори за заложниците во Алжир, за кои не знаеме детали, ниту дали меѓу нив, што е можно, има француски државјани – рече Оланд.
– Јас сум во постојан контакт со алжирските власти кои работаат, и ќе ја работаат својата работа. Во контакт сме и со шефовите на држави чии граѓани се вклучени во овој случај – додаде тој.
Еден од киднаперите, изјави за новинската агенција АНИ дека оваа група, која инаку е поврзана со Ал Каеда, поставила нагазни мини околу местото каде што се наоѓаат заложниците, пренесоа агенциите.
Двајца странци, од кои еден е државјанин на Велика Британија, беа убиени во нападот на гасното поле на нафтената компанија “Бритиш Петролеум” во Аин Аменас, на југот на Алжир, каде што исламските екстремисти киднапираа пет јапонските државјани и еден Французин.
Група Катибам Мулатамине (“Маскирана бригада”) ја повика порано денес мавританската новинска агенција да објави дека организацијата започнала операција на гасното поле во Аин Аменас и дека киднапирала пет странци – тројца Норвежани, Британец и Американец.
Алжирското Министерство за внатрешни работи првично соопшти дека во нападот е убиено едно лице, а подоцна медиумите во земјата објавија дека постои уште една жртва, државјанин на Велика Британија.
Министерот за одбрана на САД Леон Панета изјави денеска дека САД “ќе ги преземе сите неопходни и соодветни мерки” за решавање на ситуацијата поврзана со нападот на гасниот комплекс во Алжир. Панета не даде детали за чекорите што ќе се преземат како одговор на “терористичкиот напад”, додавајќи дека САД се во контакт со алжирските официјални лица.
Портпаролката на Стејт департментот, Викторија Нуланд, соопшти дека нема да дава детали, со цел да ги заштити оние кои се киднапирани.