Прв пат ги гледам после седум години, истите ликови се, ама не се расположени како тој ден кога ја исполнуваа задачата од наредбодавецот, шефот на УБК, рече Љубе Бошкоски за присутните во судот припадници на Алфите, кои маскирани го апсеа пред ресторанот „Воденица“.
– Ова судење ќе биде порака како не треба во иднина да се применува Законот, мислам судот ќе одлучи по доказите со кои располага и мислам дека правдата ќе ги стигне сите кои се огрешиле во законот. Не сакам да прејудицирам, целата македонска јавност слушна за каков тоталитарен режим се работи, ако судот одлучи да се појави, тогаш сигурно ќе се појави, одговори на новинарското прашање, Бошкоски, дали очекува Сашо Мијалков сепак да се најде на обвинителната клупа за овој предмет.
Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 не го прифати обвинението Сашо Мијалков да одговара како првообвинет во „Тортура“ и е изземен од постапката.
Според одлуката на Кривичен ќе им се суди само на шесте припадници на специјалната полициска единица „Алфа“ кои го спроведоа спектакуларното апсење на Љубе Бошкоски.
СЈО ја обжали оваа одлука пред Апелациониот суд и бара обвинението да важи и за Сашо Мијалков како наредбодавец.