Македонски производители на пиво во домашни услови денеска организираат собир во Битола.
На овој прв мини пиво-фест ќе бидат претставени 10 видови пиво. Настанот почнува напладне, во 12 часот, а предвидува правење пиво во живо, дегустација и дискусија со производителите.
За попладне, во 18 часот, е закажана проекција на филмот „Пивска култура“.
Посетителите ќе може да дегустираат пиво од шест производители, тројца од Скопје и тројца од Битола. Бидејќи пивата се произведени во домашни услови и се во мали количини, дегустацијата ќе биде лимитирана и ќе чини 50 денари.
Организатор е задругата „Артикултура“ со поддрша на порталот „Сакам пиво мк“ кој ги промовира пивската култура во земјата, домашните производители и фејсбук групата „Домашно пиварство Македонија“.
Целта, велат организаторите, е да се поттикне културата на дегустирање на овој древен пијалок и да се стимулира поинаков пристап, на повисоко ниво.
Сличен настан ќе се организира и во Скопје, до крајот на годинава.