Најавената посета на претседателот на американскиот интернет гигант „Гугл“ Ерик Шмит и на поранешниот гувернер на Њу Мексико Бил Ричардсон на Северна Кореја не е конструктивна, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Викторија Нуланд.
Се очекува посетата да биде на почетокот на февруари.
– Отворено кажано не сметаме дека времето на посетата е особено конструктивно, изјави Нуланд нагласувајќи дека во декември Северна Кореја истрела ракета со голем дострел, што предизвика тензии во регионот.
Нуланд истакна дека Шмит и Ричардсон се свесни за вознемиреноста на САД за изборот на време за посетата, додавајќи дека тие не носат никаква порака од САД на севернокорејските власти и дека во посетата одат како приватни лица.