Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“ Петре Шилегов денеска гласаше на избирачкото место 2602 во СУГС „Георги Димитров“.
– Денеска излегов да гласам на избирачкото место каде што години наназад гласам со своето семејство. Очекувам дека тоа ќе го сторат што е можно поголем број граѓаните на Скопје и во Македонија бидејќи новата градска администрација што ќе ја предводам така ќе го црпи легитимитетот, изјави Шилегов по гласањето.
Масовноста, како што рече, дава и можност уште вечерва го добиеме победникот за градоначалник на Град Скопје.
– Во секој случај, како и да биде резултатот вечерва Скопје ќе има нов Совет предводен од СДСМ, што ќе стави конечно крај на десетгодишното неодговорно владеење без грижа за нашите граѓани, нагласи Шилегов.
Според неговите информации, изборниот ден во Скопје и во Македонија поминува мирно со мали неправилности и ги повика медиумите и граѓанските здруженија будно да го следат изборниот процес.
– Секоја евентуална неправилност да биде на време јавена и пријавена. Очекувам мирен ден и дека на крајот на денот Град Скопје ќе има нов градоначалник, изјави Шилегов.