Талибанците убија 21 пакистански војници, кои беа киднапирани пред три дена во северозападниот дел на Пакистан, соопштија пакистански официјални лица.
„Пронајдовме 21 тело на припадници на безбедносните сили изрешетани со куршуми во ненаселена област”, рече за агенцијата АФП претставникот на локалната власт Навид Акбар.
Акбар додаде дека еден војник преживеал, но бил ранет, а друг успеал да побегне.
Околу 200 тешко вооружени екстремисти влетаа пред зори во четвртокот во два кампа во близината на Пешавар и во таа прилика киднапираа 21 војници. Нивните тела се пронајдени на околу четири километри од камповите.
Според друг владин претставник, Ѓул Шехзад рече дека властите нешто пред полноќ по локално време добиле информации дека на околу четири километри од камповите има некои тела.
„Пред да бидат убиени, на војниците им ги врзале рацете со јаже”, изјави Шехзад, додавајќи дека Талибанците ја презедоа одговорноста за киднапирањето.