Наставници и професори, општинската администрација и активисти во граѓанскиот сектор, земаа учество на Инфо денот одржан во Кавадарци, како дел од циклусот на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.
Презентери на настанот беа м-р Дејан Златковски и м-р Сандра Митевска, претставници на Агенцијата, кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.
Сите учесници на денешната трибина беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.
Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од седум европски образовни програми, програми за обука и млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.
Вкупниот буџет за ЕРАЗМУС+ изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40 отсто. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно четири милиони лица и 125.000 организации.
На Инфо денот во Кавадарци, се покажа интерес за клучнa акција 1 – „Учењето преку индивидуални мобилности“ која создава можности за индивидуите да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест.
Следни инфо денови Агенцијата планира да спроведе во повеќе градови низ Македонија поточно во Дебар, Охрид, Прилеп и Крушево.
Дополнително, а со цел зголемување на вклученоста на бизнис заедницата предвидени се и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Македонија.
Покрај наведените настани Националната агенција планира и реализација на ЕКВЕТ конференции во насока на подигнување на свесноста во овој образовен сегмент.