Општина Зрновци ја заврши изградбата на канализационата мрежа во Мородвис и Видовиште со што е решен проблемот на жителите кои со години копаа септички јами во дворовите.
– Во двете населени места Мородвис и Видовиште реализиравме канализациона мрежа во должина од 12,5 км, за која се инвестирани средства во висина од 517.800 евра. Средствата за канализацијата во Мородвис се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски како гранд од Европската банка, додека канализацијата во Видовиште е реализирана со средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, изјави Блаже Станков, градоначалник на Зрновци.
Со изградбата на канализационата мрежа заштитени се од загадување 80 бунари за снабдување со вода во овие населени места.
Општината работи и на изградбата на атмосферската канализација во населеното место Зрновци.
– Со асфалтирањето на секоја улица, најпрвин се решава атмосферската канализација, а потоа се пристапува кон асфалтирање, истакна Станков.
Во Зрновци е изградена атмосферска канализација во должина од над два километра на улиците „Филе Ристов“, „Аспарух Манов“ и на улицата „Маршал Тито“. Деновиве е завршена и изградбата на атмосферската канализација на улицата која води кон населеното место Видовиште, со што се прифатени атмосферските води кои доаѓаат од планината Плачковица. За изградбата на атмосферската канализација општината инвестираше средства од сопствениот буџет.