Јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума го „преживеа“ денешното гласање за доверба, иако овојпат гласањето беше тајно.
Откако е на претседателската функција, ова беше осмо по ред гласање за доверба, кое го изнуди опозицијата, откако Спикерот на Парламентот, по првпат прифати тајно гласање.
Пратениците на опозицијата, која е во малцинство во Парламентот, веруваа дека доколку се гласа тајно, пратениците од владејачката партија Африкански национален конгрес (АНЦ) , ќе може слободно и по своја волја да гласаат, отворајќи на тој начин можноста да се тргне од власт непопуларниот претседател.
Подолго време Зума се обвинува за корупција и за злоупотреба на јавните фондови, како и за непотизам и „сомнителни врски“ со богаташката елита во земјата, на која и дозволува да се меша во политиката, за взаемна корист.
По пребројувањето на гласовите, 198 пратенци, сите од АНЦ гласаа против изгласувањето недоверба, додека 177 беа за тоа на Зума да му се изгласа недоверба и тој да поднесе оставка.
За да успееше намерата на опозицијата, беше потребно најмалку 50 пратеници од АНЦ, од вкупно 249 колку од пратеничката група да гласаат против својот лидер и претседател.
Претходно, во Парламентот се водеше жестока дебата околу актуелната домашна политика и ситуацијата со Зума, која беше ограничена на вкупно 90 минути, пред да почне гласањето.