Работници и механизација на конзорциумот „Фресине-Гранит“ од Скопје, денеска ги поставија главните носачи на мостот на река Брегалница кај село Зрновци, кој страдаше во поплавите во февруари 2015 година.
– По изградба на главните чипови и поставување на столбовите, кои се носители на конструкцијата на мостот, градежна механизација на конзорциумот „Фресине-Гранит“ денеска започна со поставувањето на главните носачи на мостот, за од понеделник да се започне со поставување на бетонската плоча и асфалтирањето на мостот. Потоа ќе следи поставување метална ограда од двете страни на мостот, како и обележување на сигнализацијата пред и околу мостот, изјави градоначалникот на Зрновци Блаже Станков.
Мостот е со должина од 96,5 метри и широчина од 7 метри. Вкупната инвестиција изнесува 800 илјади долари, средства обезбедени од Европската унија преку УНДП.
Носители на активностите за изградбата на мостот кој ќе ја поврзува општина Зрновци со Кочани се Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство и општина Зрновци.
Сообраќајот меѓу општините Зрновци и Кочани се одвива по алтернативно решени на неколку метри под мостот. Целосната изградба на мостот се очекува да заврши до крајот на овој месец и истиот веднаш да биде ставен во употреба.