Светската куќа на кошарката ги објави клубовите кои наредната сезона (2017/2018) ќе се борат за учество во Европа Купот кој е под организациската палка на ФИБА. Единствен македонски клуб кој испрати пријава е најтрофејниот кошаркарски колектив Работнички, кој се најде во „шеширот“ клубови-носители.
По откажување на Јесил Гиресун, во квалификациските рунди останува 31 клуб кој ќе се бори за место во десетте натпреварувачи-квалификанти за наредната сезона.
Во првата квалификациска рунда (Q1) се сместени 22 клубови од кои точно половина ќе им се придружат на деветте кои ги чекаат во втората квалификациска рунда (Q2). Во втората квалификациска рунда ќе бидат формирани 10 парови. Победниците од овие 10 пара ќе обезбедат пласман во регуларниот дел од ФИБА Европа Купот. На нив ќе им се приклучат и 22 екипи кои нема да обезбедат пласман во регуларниот дел од Лигата на шампиони.
Првиот натпревар од Q1, македонскиот учесник Работнички ќе го одигра на 20 септември на гостински терен додека реваншот на домашен терен ќе се одигра седум дена подоцна. Натпреварите од втората квалификациска рунда ќе бидат одиграни на 4 и 11 октомври.
Ждрепката за паровите од квалификациските рунди ќе биде одржан во Минхен, но датумот дополнително ќе биде одреден.