Мора да ставиме акцент на задругарството затоа тоа што е основа на развојот на нашето земјоделство. Преку нивното здружување, преку окрупнување на земјоделските површини доаѓаме до поголема конкурентност на нашите земјоделски производии и до поголема отвореност и пристап до надворешните и светските пазари.
Ова денеска го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по повод Меѓунарoдниот ден на задругите. Годинава мотото е „Задругите осигураат дека никој не е изоставен“.
– Во текот на овој месец во координација со Делегација на ЕУ ги почнуваме подготовките за реализација на проектот, кој е поддржан како грант од ЕУ. Проект во висина од 1,8 милиони евра од септември ќе биде наменет за развојот и поддршката на задругарството во Македонија, рече Николовски.
Во соработка со ЕУ и со сите македонски институции кои мора да функционираат професионално, стручно, одговорно, сметам дека ќе ставиме силен белег во периодот што следи во задругарството во Македонија, како основа за понатамошниот севкупен развој на аграрниот сектор.
Претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги Менде Ивановски истакна дека прават напори како задругите во Република Македонија да профункционираат многу подобро.
– Задругите се првиот чекор кој мора земјоделците да го пројдат. Здружувањето на ситни земјоделци во Македонија мора да се одвива, а тоа здружување се задругите кои се покажуваат како успешен модел низ целиот свет и ние ќе мораме тој модел да го пренесеме во Македонија, рече Ивановски.
Задругите, како што рече, ќе се грижат за сите свои членови и за сите останати кои прозведуваат било какви производи за да се вклучат во задругите и преку тоа да ги остваруваат своите економски бенефити.
Појасни дека во моментов за да профункционираат земјоделските задруги во Македонија како оние во ЕУ имаме многу законски пречки.
– Не само со Законот за земјоделски задруги и со останатите, како од сферата на оданочување и Законот за работни односи. Овие закони ќе мора да се усогласат со Законот за задруги. Во Македонија во моментов имаме два закони според кои се регистрираат и функционираат земјоделските задруги, а тоа е огромен проблем, рече Ивановски.
Во Македонската асоцијација на земјоделски задруги има 39 членки здруги.
Одговорајќи на новинарско прашање за откупот на праски, Николовски потсети дека Владата излегла во пресрет со одлука од шест денари по килограм за праските кои ќе се откупат до цена од пет денари.
– Таа мерка заврши заклучно со вчерашниот ден, рече Николовски и додаде дека проблемот е решен и оти се излегло во пресрет на голема категорија граѓани за да немаат загуби и да ги подмират производствените трошоци. Најави дека следната недела, по обработката на сите барања ќе имаат податоци за колкав број на производители станува збор и за количеството на праски.
Прашан за производството на лубеници и за цената, Николовски рече дека има вишок на производството, односно поголема понуда од побарувачката. – Има одредени блокади и проблеми во делот на извозот. И денеска ги следиме состојбите, ги правиме сите неопходни анализи, ги собираме сите информации кои ни се потребни се со цел врз база на кредибилни податоци да излеземе и предложиме соодветни мерки како министерство и како Влада, рече Николовски. Тој очекува дека за неколку дена ќе има помала понуда и очекува стабилизирање на цените.
За обесштетувањето од невремето од 14 јуни, Николовски рече дека се уште немаат податоци. – Ги донесовме одлуките да се формираат комисиите, да излезат на терен, да направат првична проценка. Станува збор за околу 3.000 хектари оштетено земјоделско производство. Рокот за поднесување на барањата истече вчера, рече Николовски. Истакна дека ќе иницираат забрзана постапка со цел побрргу да се спроведат обесштетувањата.