Преку шеесет учесници од повеќе спортски клубови се натпреваруваа во пливање, велосипедизам и трчање во мастер, сениорска и кадетска категорија Националното првенство во триатлон – Преспа 2017 година, што се одржа денеска во Отешево.
Настанот е организиран од Триатлон федерацијата на Македонија, а поддржан од општина Ресен, Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет.
Најдобар во мастерс категоријата беше Стојан Поповски од Скопје, во трката која се бодува за шампионатот на Македонија во триатлон.
Градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски, рече дека настанот е продолжение на заложбите Преспа во својата туристичка понуда да ги вклучи и спортските манифестација како дел од активностите за зголемување на туристичката конкурентност.
– Триатлонот-Преспа 2017 е надоврзување на минатонедалната велосипедска тура „Тур де Галичица“. Во текот на летото во Преспа ќе се одржат и државниот натпревар во далечинско пливање и трката Прв до Врв, со што имаме интенција Преспа да ја дефинираме на мапата на спортски авантуристички настани во нашта земја. Општина Ресен ќе продолжи да ги подржува овој тип на настани и се надева дека истите ќе прераснат во традиција, изјави Стрезовски.