ЕУ бара преговорите за Брегзит да почнат набрзо по британските избори

Од:

Европската унија се надева дека преговорите за излез на Велика Британија ќе започнат во неделата по 19 јуни, изјави денеска во Брисел главниот преговарач на ЕУ за Брегзитот, Мишел Барние.

– Се надеваме дека првиот круг од преговорите ќе можеме да го одржиме набрзо по парламентарните избори во Велика Британија закажани за 8 јуни. Се надевам дека тоа ќе се случи во неделата што започнува на 19 јуни, изјави Барние.

Тој нагласи дека би сакал на Самитот на ЕУ, закажан за 22 и 23 јуни, да биде во можност да ги информира европските лидери за стартот на преговорите.

Според Барние, за да се постигне прифатливо решение за Брегзитот, потребно е да се изгради клима на взаемна доверба меѓу ЕУ и Велика Британија.

Тој нагласи дека се надева оти кон крајот на годината ќе може да почнат и преговорите за склучување иден трговски договор меѓу ЕУ и Велика Британија, додавајќи дека не сака ниту да помисли на можноста за пропаѓање на преговорите за Брегзит.

Ваквата изјава на Барние уследи откако денеска Советот на ЕУ официјално ја овласти Европската комисија да ги води преговорите за Брегзит со Велика Британија во името на сите земји членки на Унијата.

Би можело да ве интересира

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Британски министер за одбрана: Лондон му дозволи на Киев да го нападне Крим со нашето оружје

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов