Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи денеска презентираше нови четири истраги за четири лица.
Првиот предмет „Табла“ се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на директорот на основното училиште „Реџо Ружит Зајази“ од село Зајас во 2006 година. Без постапка за јавна набавка осомничениот на фирма од Кичево и овозможнил противправна имотна корист од 200.000 евра.
„Триста“ е вториот предмет и се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од помошник министер на МВР во врска со јавна набавка за триста возила и при тоа го оштетил буџетот за 453.570 евра. Не е земен предвид принципот за најповолен понудувач.
Предметот „Тотал“ е за даночно затајување од страна на физичко лице кое било сопственик и управител на неколку маркетинг агенции „Тотал“ ДООЕЛ Скопје, „Медиа макс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје.
Осомничениот за периодот 2008-2015 со намера тој и правните лица да одбегнат делумно плаќање даноци давал лажни податоци за утврдување на фактите за оданочување.
Фирмите одбегнале да платат даночни обврски од 121.414 евра, а осомничениот сопственик одбегнал да плати даночни обврски од 63.032 евра.
Осоменичениот како управител на овие правни лица наводно за потребните на правните лица купил два душека „меџик тач“ во вредност од 3.080 евра, рачен часовник во износ 2.341 евра, мебел вреден 65.000 евра, персиски теписи и високо квалитетни кујнски садови.
Предметот „Тифани“ се однесува на физичко лице како сопственик и управител на „Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје“ и агенцијата „Смарт“.
Осомничената во периодот од 2008 -2014 со намера таа и правните лица да одбегнат плаќање даноци и давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок.
Нејзините фирми одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра, а осомничената одбегнала да плати даночни обврски во износ од 16.924 евра.
Таа за потребните купила долна облека од 500 евра, облека, здолништа, чевли во износ ос 33.508 евра, очила, шминки за 1.009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично.