Лидерот на Достоинство предупредува дека на „Македонија и се заканува опасност, а за тоа посочува на новоформираното Народно Собрание на локални албански единици во Тирана на 26 ноември, чие неформално име според него е Сојуз на општини од Голема Албанија“.
Во оваа организацијата членуваат општините Тирана, Приштина, Улцињ, Прешево, Тетово, Гостивар, Струга и Дебар.
Според Ангелов, „ова е продолжение на Призренската лига и Призренската декларација, и иако изгледа наивно, воопшто не е“.
Тој го цитираше градоначалникот на Тирана кој кажал дека „Собранието ќе послужи за унапредување на најдобрите практики на добро локално и национално обединување“.
„Што ако еден ден овие општини прогласат непослушност кон централната власт, кој ќе ги спречи? Дали е тоа централната власт која нема никаква контрола во општините со албанско мнозинств? Прашајте ги како се спроведува таму законот за ДДВ, за пушење, и за знамиња“, рече Ангелов.
Ангелов рече дека некои наши експерти се обидуваат да ги минимизираат овие појави,„ додаваат смирувачки тонови, и советуваат да не се ширел национализам. Меѓутоа, факт е дека се работи на големата идеја“.
„Кога се работи за националната кауза кај Албанците нема поделеност. Додека ВМРО-ДПМНЕ во име на ширење на македонскиот патриотизам ги подели Македонците по сите основи и денес Македонците се мрзат меѓу себе повеќе од било кога порано“, рече Ангелов.
Според него, денес во Гостивар и Дебар Македонците се дури и под 20 проценти од целото население и тоа воопшто не оди во полза на државата.