Организацијата за помош и заштита на животните на Нов Зеланд ги учи спасените кучиња да возат автомобил, јави Би-Би-Си.
Целта на окландската организација е да покаже колку овие животни можат да бидат интелегентни и да ги поттикнат луѓето да ги посвојуваат.
Од групата од седум кучиња, одбрани се три кои секојдневно вежбаат со дресерите.
После осум недели, кучињата Портер, Монти и Џини, во адаптиран мини купер, научиле да го стартираат автомобилот, да го стават во брзина, кочат и управуваат со воланот.
За сега кучињата возат со помош на асистенти во колите, но нивниот следен предизвик е сами да возат во живо на телевизија.
– Тие ќе скокнат во автомобилот, ќе го запалат, стават во брзина и ќе стиснат гас, изјави шефицата на организацијата, Кристин Кејлин.
Таа рече дека кучињата цело време се безбедни затоа што возат на посебна лента далеку од вистинскиот сообраќај, а дресерите во секој момент можат со далечински управувач да го сопрат возилото.
Кејлин опиша три кучиња како одлични за вдомување и додаде дека тие се интелегентни, но дека не се ништо попосебни од другите кучиња кои организацијата ги спасила од улицата.