Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) информира дека вчера и денеска примила барања од Машинскиот факултет, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени, да се изврши инспекциски надзор за утврдување на повреда на правото за заштита на личните податоци.
Согласно Законот за заштита на личните податоци, ДЗЛП соопшти дека е отпочната постапка за вршење вонреден инспекциски надзор и оти по завршување на надзорот јавноста ќе биде дополнително информирана за наодите од него.
Дирекцијата за заштита на личните податоци им препорачува на граѓаните да ги променат лозинките, често да ги менуваат, да се обезбедат дополнителна заштита и доколку забележат дека има злоупотреби да пријават во ДЗЛП.
Во однос на лозинките, ДЗЛП препорачува граѓаните веднаш да ја променат лозинката што ја користат на личните и професионалните и-мејлови, друштвените мрежи, Skype и други сервиси. – Опасноста е дека луѓето кои имаат пристап до базата може да се обидат со истите лозинки да се логираат користејќи го личниот и-мејл кој е присутен во базата, наведуваат од ДЗЛП.
Втората препорака е граѓаните да користат добри лозинки и често да ги менуваат. – Добрите лозинки се состојат од комбинација на мали и големи букви, броеви и специфични симболи кои се тешки за побивање, препорачува ДЗЛП.
Во однос на дополнителната заштита, по промена на лозинката, граѓаните да преземат дополнителни чекори за да се осигураат дека нема да бидат жртва на дополнителни злоупотреби. – Одберете да користите и СМС кодови за верификација, а не датумот на раѓање, кој доста платформи го користат во процесот за ресетирање на лозинки, посочуваат од ДЗЛП.
Доколку сметате дека вашите лични податоци се злоупотребени, граѓаните се повикуваат злоупотребата да ја пријават во Дирекцијата за заштита на личните податоци.