Не смее да се заборави, за да не може да се пoвтори! Тоа утро, додека во Собранието се носеше Буџетот, приватната полиција на ДПМНЕ најпрво ги истепа и избрка од салата новинарите за да не може да снимаат и известуваат, а потоа и пратениците од опозицијата!
Но, дел од нас кои беа пред Собранието знаат дека таму беше пострашна ситуацијата.
Тоа што тој ден се случуваше не може да се долови преку телевизија, слики, па дури ни преку ваков текст. Нејсе.
Бевме опколени од 3 страни:
1. Од страна на Собрание од полицијата
2. Од Контра протестанти кај Триумфална
3. Од Контра протестанти помеѓу Жена Парк и Градска Болница
За прв пат имаше сериозен обид од страна на Груевски за сериозно судирање на народ со народ.
Имаше физички тепачки, тепаше и полицијата, а контра протестантите фрлаа кон нас со камења, јајца и ГРИЗНАТИ јаболка.
Фрлањето на гризната јаболка кон своите сограѓани е најверојатно некој феномен кој треба да се истражи.
Гладен си и мораш да гризнеш, но сепак мораш и да го удриш оној кој протестира против оние кои те направиле да си гладен.
Апсурд!
Беше ладно и неизвесно, но другарството и вербата не грееа и ни даваа храброст!
И јас бев еден од повредените, но имаше и онакви кои беа со дупнати глави од камењата.
Малкумина знаат, но тој ден режимот имаше монструозен план.
Структури на пара полицијата и полицијата на ДПМНЕ се обидоа да го заземат и седиштето на СДСМ.
Со пиштоли, панцири и палки, тргнаа кон нашиот втор дом, но беа спречени од една група на храбри наши соборци кои искрено и со срце си ја чуваа својата партија!
Тој ден се роди ОТПОРОТ. Протестиравме и блокиравме секој ден, беше ужасно ладно и мачно, но не се откажавме.
Отпорот кон режимот ја менуваше низ годините својата форма, но ја задржуваше суштината.
Ние младите и жедните за слобода бевме подоцна и дел од ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА, КАМПОТ НА СЛОБОДАТА И ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА.
Никогаш не застанавме, никогаш не се поколебавме!
Ние сме биле, сме и секогаш ќе останеме слободари.
Среќата секогаш ги следи храбрите, а изминативе години се времиња на храбри и искрени луѓе!
Другарството, бунтовноста и страста не држат заедно.
Горд сум што сум бил дел од целата оваа борба сиве овие години и што со сите вас мои драги соборци, продолживме и денес го клекнавме некогаш моќниот и непобедлив Груевски на колена!
Среќен сум што сум опкружен со храбри, чесни, истрајни и пред се искрени луѓе, но сум уште посреќен што оние кои на ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК не беа, велеа дека “СИТЕ СЕ ИСТИ” и “НЕ СЕ ЗАМАРАМ СО ПАРТИИ И ПОЛИТИКА”, сега се освестени и се на вистинската страна.
Многу луѓе знаат да ми речат дека сум ги поминал најубавите години од животот по улици и протести.
Јас велам, ги поминав најубавите години, со најхрабрите луѓе борејќи се за Македонија и за младите.
Тоа ме исполнува, за тоа вреди да се живее!
Затоа се враќам на почетокот, да не се заборави за да не може да се повтори!
А ние, ние секогаш ќе бидеме тука без разлика на се.
Кога и да затребаме, кога и да е загрозена слободата, граѓаните и Македонија, ние нема да молчиме.
Да живее СДСМ!
Да живее слободна Република Македонија, напиша на Фејсбук Стефан Богоев, пратеник и претседател на СДММ.