Во рамките на проектот Пристап до правда во Македонија, во изминатите два месеца во Штип, Струмица и Битола беа спроведени три сесии за правно описменување на граѓаните на тема работни односи.
Сесиите се водени од тим на правници кои на мошне разбирлив јазик, избегнувајќи правна терминологија, граѓаните ги запознаваат со правата од работен однос, а особено внимание се посветува на правото на годишен одмор и условите за отказ. Целта на ваквите сесии е едукација на граѓаните за идентификување и решавање на правните проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„Не бев запознаена со овие мои права како работник, вакви сесии им се потребни на работниците и доколку е можно би сакале да ги има почесто” – изјави една од учесничките по завршувањето на сесијата.
Планирани се уште две сесии за работни односи во Скопје и Куманово. Заради поголема транспарентност и достапност до граѓаните, сесиите се снимаат и видеата ќе бидат достапни на веб-страницата www.pristapdopravda.mk на почетокот на 2017 година. Воедно, водејќи се од правните потреби на граѓаните и правните проблеми за кои најчесто побарале бесплатна правна помош, во рамки на проектот беше подготвен и прирачник за работничките права достапен на македонски, албански и ромски јазик.
Здруженијата кои го спроведуваат проектот Пристап до правда во Македонија продолжуваат да се залагаат за еднаков пристап до правда на сите граѓани, преку советување и информирање во рамките на Законот.
Проектот е финансиран од Европската унија, а се спроведува од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Националниот ромски центар Куманово, ЕХО Едукативно – хуманитарна организација Штип, Младинскиот културен центар Битола и Избор Струмица.