Меѓународната истражна комисија, која го испитуваше соборувањето на малезискиот авион „Боинг 777“ над украинската територија во јули 2014 година, денеска соопшти дека анализата покажала оти ракетата од руско производство „Бук“, со која е урнато леталото, била лансирана од територијата под контрола на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.
Истражната комисија тврди дека располага со сознанија и докази од сведоци за тоа дека лансирната рампа за ракетата е донесена од Русија, како и дека Комисијата располага со бројни сознанија од пресретнати телефонски разговори, фотографии и видео материјали.
Комисијата тврди дека располага со изјави на сведоци кои виделе како лансираната рампа за ракетата „Бук“ била внесена преку украинско-руската граница на територијата што сега ја контролораат сепаратиситите.
Минатата година, холандската Комисија за безбедност во воздушниот сообраќај соопшти дека авионот бил соборен со руска ракета „Бук“, но не прецизираше од каде била таа лансирана.
При падот на авионот загинаа вкупно 298 патници и членови на екипажот, од кои најголемиот дел беа Холанѓани.
„Боингот“ на компанијата „Малезија Ерлајнс“ леташе на својата редовна линија од Амстердам за Куала Лумпур, но засега никој не објаснува зашто била користета траса за лет над украинска територија во времето на најжестоките воени судири меѓу украинската армија и проруските сепартисти.
Во Меѓинародната истражна комисија членуваат експерти од Холандија, Австралија, Белгија, Малезија и Украина.
Заклучокот на Комисијата сега ќе биде основа за покренување обвиненија против поединци виновни за соборувањето на патничкиот авион, за што членовите на Комисијата тврдат дека имаат докази.
Официјална Москва уште пред два дена објави детални снимки и прикази од радарската контрола со кои тврди дека „никаква ракета, ниту каков било друг објект не полетал од Истокот“ на Украина за да може да го собори малезискиот авион.
Руската истрага за инцидентот како виновник ја посочува Украина, која располага со ракетите „Бук“.