Останувам на се што сум кажала до сега, освен тоа што го има во извештајот, не давам други информации, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во одговор на прашањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски.
– Кој прислушувал се содржи во случајот „Пуч“. Издвоив и неколку точки за случајот, на 21.12.2015 година СЈО го презема случајот. Побаравме докази од Судот, но не ни ги доставија. Покрај неколкукратните молби, доказите не ни беа доставени со образложение дека во нив имало и класифицирани документи, а увид на доказите ни беше дозволен на 05.02.2016 година. По неколкукратните одбивања, се жалевме во Апелациониот суд, од каде кажаа дека нема пречка СЈО да ги добие доказите, по што судот ни ги достави доказите дури на 30.06.2016 година, со што се изгубија повеќе од 6 месеци. Дали парламентот и за тоа ќе праша кој е виновен, рече Јанева.
Според неа, срам е за судот што 6 месеци не ги доставил доказите до Специјалното јавно обвинителство.
Александар Тодески