Освен бубачките кои студентите секојдневно ги фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи, во мензите на студентските домови можат да се најдат и потенцијални домашни миленици.
Како што доцна синоќа забележа камерата на А1он, додека надвор студентите се бореа против неправдата на криминалните избори за претседател на Студентскиот парламент, во мензата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, мачка се гостеше со остатоците од храната која преку целиот ден им се сервира на студентите.
За ситуацијата да биде полоша, откако мачката се прошета низ мензата и си бараше храна во корпата за отпадоци, таа се упати кон кујната каде се готви храната за студентите.
Тоа е студентскиот стандард за кој што власта тврди дека го кренала на многу високо ниво, иако и мензата и студентскиот дом, како овде, така и во другите се пред распаѓање.
Александар Тодески