Некогашната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, денеска иницираше петиција за ослободување на поранешната потпаролка на Судот, Флоренс Артман, која веќе четврти ден се наоѓа во притворската единица во Шевенинген, по нејзиното апсење на 24 март, јави Танјуг.
– Веднаш мора да биде ослободена, напиша Дел Понте во коментар на петицијата.
Артман беше уапсена пред Хашкиот суд додека со членовите на семејствата на жртвите го чекаше објавувањето на пресудата на лидерот на босанските Срби, Радоан Караџиќ.
– Шокирани од веста за апсењето на Артман, изразуваме остро негодување и протест против оваа срамна одлука на безбедносните служби на Хашкиот трибунал. Бараме госпоѓа Артман веднаш да биде ослободена и ги повикуваме сите луѓе со добра волја да ни се придружат, наведено е во повикот за потпишување на петицијата за ослободување на поранешната потпаролка на Хашкиот трибунал.
Понте претходно изјави, дека апсењето на Артман е срамно и дека очекува таа да биде ослободена.
Адвокатот на Артман вчера изјави дека таа и натаму е во истата притворска единица, каде што се наоѓаат и обвинетите за воени злосторства и дека не е познато до кога ќе остане таму.
Според него, Артман е со зголемен надзор поради ризик од самоубиство, што значи дека нејзината ќелија е осветлена 24 часа и дека на секои 15 минути стражарите вршат контрола.
Артман преку својот адвокат од Хашкиот суд барала поблаг третман, но тој не и бил овозможен.
Фејсбук групата „Ослободете ја Флоренс Артман“ објави дека и лидерот на српските радикали Воислав Шешељ „ќе ја дочека својата пресуда на слобода, а Артман би можела да остане зад решетки“.
Артман е осудена поради непочитување на Судот, бидејќи во својата книга изнела одредени информации кои не и биле дозволени.
Неа и беше изречена забрана за пристап до Судот, па беше упасена поради непочитување на оваа забрана бидејќи дојде пред зградата на Трибуналот за да го следи изрекувањето на пресудата на Караџиќ.